Eвропската бизнис асоцијација на 20 Мај 2016 го одржа своето редовно Годишно Собрание, на кое членовите на ЕБА одлучуваа и расправаа по повеќе точки меѓу кои усвојување на ревизорскиот Извештај за 2015, усвојување на Извештајот за работење за минатата година, усвојување на буџетот и планот за работа за наредната година. Главна точка на овогодинешното Собрание беше изборот на Претседател на ЕБА и неизвршни членови на Одборот на директори на ЕБА.
Со едногласна Одлука на членовите на ЕБА за нов Претседател на асоцијацијата беше избран г-дин Зоран Нарашанов, Главен извршен директор на Винер Осигурување. Покрај постојните, како нови членови на Одборот на директори на ЕБА беа избрани и г-дин Гоце Вангеловски од Кроација Осигурување и г-дин Арбен Абдурахмани од компанијта Везе Шари.
Г-дин Нарашанов зад себе има големо искуство на раководни позиции. Својата кариера ја гради работејќи и раководејќи широк спектар на проекти во рамките на Програмата за развој при Обединетите Нации и Светската Банка, и извршувајќи највисоки раководни функции во Кјуби и АД Македонски Телекомуникации. На чело на Винер Осигурување, д-р Нарашанов е 8 години, време за кое компанијата под негово раководство повеќекратно гои зголеми пазарниот удел, профитот и бројот на вработени.
Инаку, Европската Бизнис Асоцијација (ЕБА) е независна и непрофитна бизнис заедница составена од европски претпријатија и поединци кои работат во земјата, од домашните претпријатија и поединци кои работат со ЕУ, како и невладини организации кои имаат интерес во промовирањето на економијата во земјата и социјалниот развој, како и негување на односите на земјата со ЕУ.