КОДЕКС НА ДЕЛОВНА ЕТИКА

Брендот WINNER исто како и брендот VIG (Виена Иншуренс Груп) пред се претставува доверба и сигурност за нашите клиенти и вработени. Исполнувањето на деловната стратегија е целосно усогласена со основните принципи на деловната етика утврдена во овој Кодекс на деловна етика (во натамошниот текст Кодексот), кој пак е целосно усогласен со Политиката на Групацијата ВИГ - Кодекс на деловна етика (VIG Group Policy - Code of Business Ethics – „COBE“).

Кодексот е задолжителен за сите вработени во Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје (во натамошниот текст Друштвото), независно од позицијата на било кој вработен во рамките на Друштвото.

 

НАШИ ВРЕДНОСТИ

Групацијата ВИГ е свесена за одговорноста што ја има, како голема меѓународна осигурителна групација, кон своите корисници, вработени, акционери, деловни партнери и генерално кон општеството. Преку своите активности, Групацијата ВИГ настојува да промовира одржлив економски и општествен развој во сите земји каде што е активна Групацијата. Ставот на Групацијата ВИГ кон групите на чинители во секоја земја се води според искреност и одржливост.

Вредностите на  Групацијата ВИГ се одраз на карактеристиките што се важни и вредни за истата; тоа се идеали што ја формираат основата за носење на одлуки и ги насочуваат  дејствата на ВИГ. Овие три вредности обликуваат сè што работи ВИГ:

 

  • Диверзитет

Благодарение на присуство на 30 пазари, пред сè во Централна и Источна Европа, Групацијата ВИГ има детално разбирање на локалните околности. Споделувањето на знаење, идеи и искуство во рамките на Групацијата ВИГ е дел од секојдневното работење. Диверзитетот (разновидноста) е еден од факторите на нашиот успех и една од основните вредности. На некој начин, диверзитетот е дел од ДНК на Групацијата ВИГ.

  • Блискост со корисниците

Групацијата ВИГ има силни корени, како на меѓународно, така и на локално ниво. Благодарение на   локалните вработени, Групацијата ВИГ е повеќе од запознаена со типичните потреби на корисниците во различни земји и пазари. Тоа овозможува да се понудат прилагодени решенија и да се доведе задоволството на корисниците на максимум на сите пазари на кои е присутна Групацијата ВИГ.

  • Одговорност

Групацијата ВИГ го користи своето долгогодишно искуство да се заштити иднината на корисниците што е можно поефективно. Чувството на одговорност и почит секогаш ја игра централната улога во односи со корисници на Групацијата ВИГ, деловни партнери, акционери и општеството како целина.   Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР - Виена Иншуренс Груп Скопје е свесно за одговорноста која ја има кон своите клиенти, вработените, акционерите, деловните партнери и кон општеството воопшто, како правно лице и како дел од меѓународната осигурителна групација VIENNA INSURANCE GROUP. Нашиот однос кон било која заинтересирана страна е воден од чесност и одржливост, и се базира на следните основни вредности:

НАШИ ПРИНЦИПИ

1. Усогласеност со законските, регулативните и интерните одредби

Ние целосно ги познаваме и почитуваме сите законски обврски што влијаат на нашите деловни активности. Во сите аспекти на Кодексот на деловна етика ние сме посветени да дејствуваме во согласност со законските и регулативните одредби. Дополнително, ние ги почитуваме обврските што се усвоени на доброволна основа, интерните стандарди како и општо прифатените етички стандарди и меѓународни договори. Во нашето деловно опкружување, ние одбиваме да се инволвираме во какви било нелегални практики и не одобруваме никакви нелегални дејства коишто би можеле да доведат до инволвирање на Друштвото и Групацијата ВИГ во незаконско однесување. Покрај тоа, одбегнуваме какво било вклучување во активности со очигледна намера да се одбегнат какви било законски или доброволни одредби или стандарди.

2. Заштита на човековите права

Ние ја почитуваме и поддржуваме заштитата на меѓународните човекови права во нашата деловна практика. Ние се стремиме да се вклучуваме само во бизнис што е во согласност со стандардите за човекови права.

Нашето однесување е водено од поврзаните меѓународни конвенции, особено Глобалниот договор на ОН (UN Global Compact), целите за одржлив развој на ОН (UN Global Goals) и Меѓународната повелба за човекови права (International Bill of Human Rights).

 3. Диверзитет / разновидност и вклучување 

Ние сметаме дека диверзитетот/разновидноста  претставува одраз на сличностите и разликите со кои се соочуваме во Друштвото и во ВИГ Групацијата во целина, на нашиот пазар, во компаниите на Групацијата, како и со нашите партнери, корисници и вработени.

Управувањето со диверзитетот/ разновидноста  вклучува искрена почит кон диверзитетот, пристап без предрасуди и свесни напори  да го искористиме нашиот диверзитет.

Ние ги почитуваме културите и традициите како во земјата така и културите и традициите на различните земји и пазарите во кои ВИГ Групацијата и Друштвото како дел од неа ги нуди своите производи и услуги.

Ние не толерираме никаков вид на дискриминација. Ние сме посветени кон промовирање на еднакви можности во однос на вработувањето и унапредувањето на персоналот, без оглед на нивната вера, религија, пол, убедувања, националност, сексуална ориентација, возраст, боја на кожа, инвалидитет или граѓански статус.

Ние не одобруваме сексуално вознемирување или насилно однесување и секогаш настојуваме да се однесуваме едни кон други со благодарност и позитивност.

4. Заштита на животната средина

Свесни сме дека сите ние имаме улога што треба да ја играме во заштитата на животната средина. Оттаму, ние внимателно ги користиме ресурсите и ги разгледуваме импликациите за животната средина во нашите дејства и одлуки.

5. Здраво и безбедно работно место 

Ние сме посветени кон одржување на здрава и безбедна работна средина и коректни работни услови. Секогаш го одбегнуваме однесувањето коешто претставува закана за здравјето или безбедноста на други лица или за нашето здравје или безбедност.

6. Заштита на имотот на Друштвото

Генерално, имотот и ресурсите на Друштвото може да се користат само за професионални цели, освен ако интерните правила не утврдуваат поинаку, и во согласност со интерните регулативи. Ние сме посветени кон третирање на имотот на Друштвото, како што е опремата за работа, оперативните објекти како и нематеријалните средства (на пример, интелектуална сопственост вклучувајќи софтверски лиценци) со внимание и да ги заштитиме од злоупотреба, загуба или кражба.

7. Спречување на конфликт на интереси

Ние обезбедуваме дека нашите приватни интереси не се во конфликт со нашите обврски во однос на на Друштвото и Групацијата ВИГ.

Конфликт на интереси е ситуација во која нашите лични интереси (околности и/или односи) или интереси кои произлегуваат од преземање на (повеќе) функции во истата или друга компанија на Групацијата или во некоја надворешна компанија, можат да бидат спротивни на интересите на  Друштвото и Групацијата VIG и можe да доведe до компромитирање на обврската нашата функција да ја извршуваме на доверлив, чесен, фер и објективен начин.

Конфликтот на интереси може, на пример, да се случи кога ние или лицата блиски до нас добиваат несоодветна предност (корист)  од нашата позиција во Друштвото и Групацијата VIG или од откривањето или пристапот до доверливи информации. Во секој случај, ние се придржуваме до сите важечки законски и регулаторни одредби во врска со конфликтот на интереси.

Конфликтите на интереси треба да се идентификуваат што е можно порано и генерално да се избегнуваат. Ако конфликтот не може да се избегне, ние се справуваме со него на фер и професионален начин; ова особено го вклучува итно откривање на конфликтот на нашиот претпоставен, согласно интерните акти на Друштвото.

Со оглед на фактот што конфликти на интереси може да произлезат од секундарно вработување (на пример, политички функции, услуги, активности за предавања или консалтинг, функции во правни лица, почесни активности), можеме да прифатиме вработување само ако и доколку може да се исклучи било каков конфликт на интереси, вклучително и било каква појава на конфликт на интереси.

Секундарни вработувања кај конкуренти на Друштвото и Групацијата ВИГ генерално се строго забранети.

8. Спречување на корупција и поткуп

Ние се спротивставуваме на сите облици на корупција и поткуп. Корупција е злоупотреба на овластувања за приватна добивка на поединци, без оглед дали преку активно или пасивно однесување, како примател или давател.

Подароци, покани и други бенефиции  

Не ни е дозволено да прифаќаме подароци, покани или какви било други бенефиции ниту да даваме какви било подароци, покани или да одобруваме какви било други бенефиции чија вредност ги надминува применливите законски одредби или стандардите и/или кои се дадени за стекнување на несоодветна предност. Ние ги третираме подароците, поканите или бенефициите за јавни функционери со посебно внимание.

Донации и спонзорство

Посветени сме кон исплата на донации и спонзорства само во законските рамки и до степен до кој овие придонеси не го нарушуваат угледот на Друштвото и ВИГ Групацијата.

Политички придонеси

Ние се воздржуваме од давање какви било придонеси вклучително и исплати по основ на  донации испонзорства на политички партии и поврзани организации.

9. Заштита на податоци

Ние совесно ги почитуваме регулативите на ЕУ, како членка на ВИГ Групацијата и сите закони и регулативи за заштита на податоци. Ние ги штитиме личните податоци обезбедени од клиентите, деловните партнери и вработените од неовластен пристап или незаконска употреба и од случајна загуба, уништување или штета. Личните податоци се собираат, обработуваат и користат само за конкретни, јасни и легитимни цели, и до степен што е строго неопходен. Ние ги почитуваме сеопфатните права на лицата чии што податоци ги собираме, обработуваме или користиме.

10. Управување со доверливи информации

Доверливите информации што ги чува  Друштвото или коишто ни се ставени на располагање од страна на клиенти или деловни партнери, се предмет на нашиот доверлив третман и на нашата обврска да ја сочуваме тајноста на истите. Ние откриваме доверливи информации само кога постои потреба да се дознаат или ако откривањето е конкретно овластено или законски наложено.

11. Лојална конкуренција

Како учесник на пазарот, ние ги почитуваме нашите конкуренти и концептот на слободен пазар и со тоа целосно ги почитуваме сите применливи правила против монопол. Ние одбиваме однесување што веројатно ќе ги дискредитира конкурентите, нивните производи или услуги, или погрешно ќе ги наведе клиентите во нивната проценка на конкурентите. Дополнително, ние не толерираме никаков облик на однесување што има за цел да ја ограничи слободната и фер /лојална конкуренција, и се воздржуваме од какво било однесување кое што негативно влијае на пазарот.

12. Спречување на злоупотреба на пазарот

Ние преземаме активности за спречување на злоупотреба на пазарот, односно злоупотреба на инсајдерски информации и манипулација на пазарот. Во случај да поседуваме инсајдерски информации, забрането ни е директно или индиректно да тргуваме со соодветните финансиски инструменти за сопствена полза или во полза на трета страна со употреба на инсајдерските информации или да даваме препораки на други лица за релевантните финансиски инструменти („инсајдерски договор“). Дополнително, ние нема незаконски да откриваме или на друг начин да ставиме на располагање инсајдерски информации на трети страни. Ние не шириме информации и не преземаме никакви дејства коишто испраќаат или веројатно би испратиле погрешни сигнали во однос на понудата, побарувачката или цената на определен финансиски инструмент.

13. Спречување на перење пари, финансирање тероризам и кршење на меѓународни санкции   

Ние ги поддржуваме меѓународните заложби за спречување на злоупотребата на финансиските системи за цели на перење пари и финансирање терористички активности. Со цел да помогнеме во превенцијата и да учествуваме во откривањето на таква злоупотреба, ние сме посветени кон стекнување на сигурни информации за идентитетот на нашите клиенти според принципот „познавај го својот корисник“ . Ние сме посветени внимателно да го проверуваме и, ако е неопходно, да одбиеме било каков деловен однос  што делува незаконски.

Ние ги почитуваме сите закони и применливи санкции и се воздржуваме од вклучување во какви било деловни активности што се предмет на такви санкции како и од стапување во деловни односи со или обезбедување на финансиски услуги на лица и организации под санкции.  

14. Коректен и професионален третман на клиентите

Ние секогаш постапуваме со бизнис случаите и проблемите на клиентите и деловните партнери на коректен, компетентен, пријателски, професионален и навремен начин, и ги осудуваме сите измамнички или погрешни практики. Се стремиме да им дадеме на нашите клиенти најдобри можни совети и да им ги обезбедиме сите релевантни информации со цел да им овозможиме да донесат добро информирана и соодветна одлука во нивниот најдобар интерес. Ние обезбедуваме дека приговорите од клиентите или деловните партнери се решаваат навремено и на коректен начин во согласност со сите применливи законски одредби.

15. Доверлива комуникација

Нашите односи со деловните партнери и надлежните органи се истакнуваат со меѓусебна, искрена, фер соработка заснована на почитување и сигурност. Ние сме отворени за комуникација и соработка како на национално така и на меѓународно ниво. Со комуникацијата со медиумите, акционерите и јавните надлежни органи постапуваат само овластените лица и функции (на пример, Управниот одбор, овластени лица за односи со јавност).

Ако се појавуваме во јавност или учествуваме во јавни дискусии на начин што може да се протолкува како дејствување како претставник на Друштвото или ВИГ Групацијата без овластување за претставување, ќе бидеме јасни дека дејствуваме како приватни лица.

Посветени сме кон обезбедувањето на целосни, точни, коректни, вистинити, разбирливи и навремени финансиски информации. Ние гарантираме усогласеност со законските и сметководствените стандардија. Покрај тоа, ние блиско соработуваме со регулаторните органи на финансискиот пазар и со други регулативни органи со цел да го обезбедиме интегритетот на информациите.

 

ПРИЈАВУВАЊЕ НА НЕСООДВЕТНО ОДНЕСУВАЊЕ

Во случај на проблеми, несигурност или ако се запази однесување што не е во согласност со Кодексот на деловна етика, може да контактираме со нашиот претпоставен, со Одговорното лице за усогласеност со регулатива во Друштвото или Сектотот за усогласеност на Групацијата ВИГ во секое време.

Таквата пријава може да се изврши анонимно или доверливо, во обем и мерка што ја бара лицето, усно (лично или по телефон) на записник, во писмена форма или по електронска пошта до Одговорното лице за усогласеност со регулатива во Друштвото кое е и одговорно лице за прием на пријави од укажувачи а согласно Законот за заштита на укажувачи и ВИНЕР Правилникот за заштитено внатрешно пријавување на Друштвото кој е објавен на фолдерот Winner.

Пријавата ќе се третира со најстрога доверливост и со неопходно должно внимание во согласност со законските и интерните одредби. Дури и ако се покаже дека наводната неусогласеност е неоснована, имаме доверба дека ова нема да доведе до никакви недостатоци односно последици за нас, под услов загриженоста или опсервациите да се базираат на добра волја. 

 

ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕУСОГЛАСЕНОСТ

Ние треба да го познаваме, разбираме и да се однесуваме во согласност со Кодексот на деловна етика, неговите вредности и принципи. Секое кршење на Кодексот може да претставува кршење на применливиот закон и може да резултира со граѓански или кривични казни, како и штети за угледот на Друштвото односно Групацијата ВИГ во целина, нејзините вработени и за нас самите.

Во случај на неусогласеност со одредбите на Кодексот на деловна етика, ќе се преземат соодветни мерки за идентификување, спречување и ублажување на негативното влијание на таквото однесување.

Дополнително, од аспект на трудовото право непочитувањето на одредбите на Кодексот може да резултира со дисциплински мерки, вклучувајќи престанок на работниот однос.

 

КОНТАКТ

За какви било прашања во врска со ова Упатство, ве молиме контактирајте со

Одговорно лице за усогласеност со регулатива:

 

Наташа Неделковска

Координатор на Оддел за право и усогласеност со регулатива/Одговорно лице за прием на пријави од укажувачи

Телефон: 02 32 31 631 лок.153

Email: natasha.nedelkovska@winner.mk

 

TOP