
На 16 јуни во палатата Кајзерхаус во Виена, организацијата Македонија2025 одржа прием чија цел беше да се зближат и запознаат претставници на професионалната македонска дијаспора од Европа и да се промовираат можностите за инвестирање и соработка во Република Македонија. Приемот беше одбележан со присуство на над 100 гости и говорници кои исполнуваат важни функции во светски институции, банки, финансиски и осигурителни друштва, како и претставници на домашни компании и странски инвестиции во Македонија.
Имајќи го предвид значајот на оваа манифестација за унапредувањето на економскиот сектор, како и фактот дека Винер е една од најуспешните инвестиции во Македонија, токму со Австриски капитал, ни беше чест и задоволство да бидеме спонзори на оваа манифестација.
Настанот го отвори ко-основачот на Македонија2025 и успешен претприемач од Канада со македонско потекло, Џон Битов Помладиот. Тој го потенцираше развојот на организацијата во една од водечките која работи во полза на економскиот напредок на Република Македонија.
Приемот во Виена беше одраз на деловните односи помеѓу Македонија и Австрија кои траат повеќе од дваесет години. Со цел да се прошири добрата соработка, на настанот се одржаа и три панел дискусии на кои беа претставени можностите за инвестирање во Македонија од перспектива на инвеститори, беа претставени успешни македонски приказни во бизнис светот глобално, а се разговараше и за потребата од формално и неформално конструктивно промовирање на Македонија пред светот.
На настанот присуствуваше и делегација на Винер Осигурување, а Членот на Управниот одбор на компанијата, м-р Дејан Михајлов ја прими посебната благодарница за поддршката што компанијата ја даде во организацијата на приемот.