Надзорниот одбор на Винер – Виена Иншуренс Груп, на чело со г-дин Петер Хофингер, инаку член на Управниот одбор на Виена Иншуренс Груп, донесе едногласна одлука управувањето на компанијата и во иднина да му го довери на д-р Зоран Нарашанов. Во наредните 4 години тој останува Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Винер, во кој нови мандати добија и докажаните актуелни членови – м-р Дејан Михајлов, Потпреседател на УО и г-дин Насер Зенку.
Во образложението на оваа одлука, Надзорниот одбор на Винер истакна дека компанијата своите најголеми успеси ги постигнала токму под водство на г-дин Нарашанов и дека зголемувањето на пазарниот удел за 6 пати, а на профитот за 3 пати откога тој е на чело на Винер, се најдобар показател за неговите врвни менаџерски способности.
Инаку, ова ќе биде трет последователен мандат на актуелниот Управен одбор на чело на Винер. Постигнатите резултати во изминатите 2 мандати покажуваат дека под водство на овој УО компанијата драстично ги зголеми приходите и профитот, го удвои бројот на вработени и стигна до рекордни 80 експозитури. При тоа беа зголемени капиталните инвестиции на компанијата за три пати, и беше обезбедена супериорна реосигурителна програма за клиентите. Само оваа година, Винер Осигурување забележа профит зголемен за 300% во однос на ланскиот.
Во обраќањето по повод новиот мандат, Генералниот директор на Винер, д-р Нарашанов ја истакна посветеноста и професиоалноста на вработените како најважен фактор за остварените резултати.
„Во изминатите два мандати со мојот менаџерски тим успеавме да создадеме бренд кој мошне брзо се зацврсти на врвот на осигурителниот пазар и стана препознатлив по дополнителната вредност која им ја нуди на клиентите преку супериорната услуга, максималната сигурност и најбрзото решавање и исплата на штетите. Тоа го постигнавме благодарејќи на професионалноста и посветеноста на нашите вработени, кои го вложуваат целокупниот личен и деловен капацитет во задоволството на клиентите. Моите планови за третиот мандат се да го потврдиме статусот на водечки осигурителен експерт и дефинитивно да се издвоиме како компанија со убедливо најголем пазарен удел. Токму тимот кој стои зад мене и довербата која секојдневно ја добиваме од клиентите се гаранција дека ќе го оствариме зацртаното.“ – изјави тој во оваа пригода.