
Запазувајќи ја традицијата, Виена Иншуренс Груп и оваа година организираше незаборавно дружење за дечињата на вработените во групацијата, во четирите австриски кампови: Стререберс – Виена, Вагрејн – Салцбург, горниот австриски град Лод Гојсерн, и Зеходен – Каринтија.
Деновите на децата од 23 националности беа исполнети со многу авантури, спортски и забавни игри, егзотични искуства, но и едукативни активности. Развивање на чувствата на солидарност, социјална свест, взаемно разбирање и несебична грижа и тимски дух беа вредностите кои дечињата ги осознаваа преку заеднички игри и дружења.
И оваа година, покрај пешачењето по планините и глечерите, откривањето на солените и сталактитни пештери и разгледувањето на Виена, Салцбург и Клагенфурт, младите посетија неколку пензионерски домови во Австрија каде имаа можност да ги анимираат и да им го направат различно и поинтересно секојдневието на старите лица. Децата од Македонија, Молдавија, Романија, Украина, Грузија, Албанија и Косово со свои интересни настапи на традиционални песни и танци и пијано изведби ги развеселија станарите на домот Колпингхаус во Леополштад дистриктот во Виена.
Учесници на деветтиот по ред Детски камп беа 500 деца на вработените во компаниите на Виена Иншуренс Груп на возраст помеѓу 9 и 13 години, кои по доставување на нивната сопствена фотографија на тема “Фотографија на мирот”, беа избрани од страна на жири комисија како млади креативци со најкреативни 500 фотографии. Фотографиите од дечињата беа испратени и на конкурсот за фотографија Alfred Fried Photography Award, а осум од нив влегоа во потесен круг за годишната награда „Детска фотографија на мирот“ која што изнесува 1000 евра.