
ИНВЕСТИЦИЈА НА VIENNA INSURANCE GROUP ВО APEIRON BIOLOGICS AG, КОМПАНИЈА ЗА БИОТЕХНОЛОГИЈА, КОЈА ВО МОМЕНТОВ РАБОТИ НА ЛЕК ЗА КОВИД-19
Компанијата Apeiron, специјализирана во пронаоѓање и развој на нови имунотерапии и лекарства за третман на респираторни болести и канцер, поради пандемијата на КОВИД-19, моментално се фокусира и е во напредна фаза на развој на лек (APN01) за борба со коронавирусот. APN01 e рекомбинантен ензим со потенцијал да го блокира инфицирањето на клетките со КОВИД-19 и да ги смири инфламаторните реакции на белите дробови. Со неговата двојна функција, APN01 може да стане првиот лек специфично наменет за третирање на лица заразени со КОВИД-19.
Преку соработката на Vienna Insurance Group со Apeiron Biologic, групацијата ја покажува својата заложба да биде дел од борбата со пандемијата.
„Како осигурители, наша основна задача е да ги штитиме луѓето од ризици. Во моменталната ситуација, здравјето е во фокусот на вниманието, a спречувањето на ширењето на болести е еден од нашите приоритети. Нашата инвестиција во Apeiron е осмислена, долгорочна опција која ни овозможува да го исполниме нашето ветување дека ‘Го штитиме она што е важно’, истовремено имајќи ги предвид и нашите економски цели“, истакна генералниот менаџер на групацијата – Елизабет Штадлер. Преку својата Агенда 2020, групацијата веќе имплементираше мерки насочени кон промоција на здравјето и благосостојбата на луѓето, а подолг период ги засилува активностите во сегментот на здравствено осигурување. Инвестицијата во Apeiron е во согласност со овие насоки и беспрекорно се вклопува во сеопфатната стратегија на групацијата.
Лекот е развиен директно за лекување на ALI / ARDS, кое е водечка причина за смртност кај пациентите заболени од КОВИД-19. Првична цел на истражувањето е да се оцени клиничката ефикасност и безбедноста на APN01 кај пациентите со КОВИД-19, а во претходните фази на клинички испитувања, APN01 се покажа како безбеден и добро поднослив лек од страна на пациентите. Испитувањата ќе се вршат во неколку европски држави, меѓу кои Австрија, Германија, Данска и Обединетото Кралство.
„Доколку резултатите од клиничките тестови се позитивни, голема е веројатноста лекот брзо да биде одобрен за употреба во Европа и да се најде на пазарот. Токму затоа, со задоволство ја поздравуваме Vienna Insurance Group како нов сигурен партнер во нашите напори во борбата против болеста. Многу сме благодарни за нивната поддршка и нивниот придонес во справувањето со пандемијата на коронавирсот“, вели Питер Лулелин-Дејвис, извршен директор на Апејрон Биологикс АГ.
„Во соработка со другите истражувачи, нашата лабораторија го обезбеди првиот in-vivo доказ дека протеинот АСЕ2 е главен рецептоr за SARS-CoV-2, кој, исто така, има моќ да ги заштити белите дробови. Многу сум задоволен од потенцијалната употреба на APN01 при лекувањето на пациенти заразени со КОВИД-19 над кои се вршат клинички тестирања. Инвестицијата од Vienna Insurance Group ќе биде значителна помош во продолжувањето со развојот на овој потенцијален лек, како и во поддршка на нашите напори да се пронајде ефикасен третман во борбата против Ковид-19“, објасни професор Јозеф Пенингер, основач на Apeiron, член на нивниот надзорен одбор и професор на Универзитетот во Британска Колумбија.