Д-р Зоран Нарашанов избран за нов Претседател на Европската бизнис асоцијација
Eвропската бизнис асоцијација на 20 Мај 2016 го одржа своето редовно Годишно Собрание, на кое членовите на ЕБА одлучуваа и расправаа по повеќе точки меѓу кои усвојување на ревизорскиот Извештај за 2015, усвојување на Извештајот за работење за минатата година, усвојување на буџетот и планот за работа за наредната година. Главна точка на овогодинешното Собрание беше изборот на Претседател на ЕБА и неизвршни членови на Одборот на директори на ЕБА.
Со едногласна Одлука на членовите на ЕБА за нов Претседател на асоцијацијата беше избран г-дин Зоран Нарашанов, Главен извршен директор на Винер Осигурување. Покрај постојните, како нови членови на Одборот на директори на ЕБА беа избрани и г-дин Гоце Вангеловски од Кроација Осигурување и г-дин Арбен Абдурахмани од компанијта Везе Шари.
Г-дин Нарашанов зад себе има големо искуство на раководни позиции. Својата кариера ја гради работејќи и раководејќи широк спектар на проекти во рамките на Програмата за развој при Обединетите Нации и Светската Банка, и извршувајќи највисоки раководни функции во Кјуби и АД Македонски Телекомуникации. На чело на Винер Осигурување, д-р Нарашанов е 8 години, време за кое компанијата под негово раководство повеќекратно гои зголеми пазарниот удел, профитот и бројот на вработени.
Инаку, Европската Бизнис Асоцијација (ЕБА) е независна и непрофитна бизнис заедница составена од европски претпријатија и поединци кои работат во земјата, од домашните претпријатија и поединци кои работат со ЕУ, како и невладини организации кои имаат интерес во промовирањето на економијата во земјата и социјалниот развој, како и негување на односите на земјата со ЕУ.
- Published in настани и новости
Д-р Зоран Нарашанов и актуелниот УО на чело на Винер и во следните 4 години
Надзорниот одбор на Винер – Виена Иншуренс Груп, на чело со г-дин Петер Хофингер, инаку член на Управниот одбор на Виена Иншуренс Груп, донесе едногласна одлука управувањето на компанијата и во иднина да му го довери на д-р Зоран Нарашанов. Во наредните 4 години тој останува Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Винер, во кој нови мандати добија и докажаните актуелни членови – м-р Дејан Михајлов, Потпреседател на УО и г-дин Насер Зенку.
Во образложението на оваа одлука, Надзорниот одбор на Винер истакна дека компанијата своите најголеми успеси ги постигнала токму под водство на г-дин Нарашанов и дека зголемувањето на пазарниот удел за 6 пати, а на профитот за 3 пати откога тој е на чело на Винер, се најдобар показател за неговите врвни менаџерски способности.
Инаку, ова ќе биде трет последователен мандат на актуелниот Управен одбор на чело на Винер. Постигнатите резултати во изминатите 2 мандати покажуваат дека под водство на овој УО компанијата драстично ги зголеми приходите и профитот, го удвои бројот на вработени и стигна до рекордни 80 експозитури. При тоа беа зголемени капиталните инвестиции на компанијата за три пати, и беше обезбедена супериорна реосигурителна програма за клиентите. Само оваа година, Винер Осигурување забележа профит зголемен за 300% во однос на ланскиот.
Во обраќањето по повод новиот мандат, Генералниот директор на Винер, д-р Нарашанов ја истакна посветеноста и професиоалноста на вработените како најважен фактор за остварените резултати.
„Во изминатите два мандати со мојот менаџерски тим успеавме да создадеме бренд кој мошне брзо се зацврсти на врвот на осигурителниот пазар и стана препознатлив по дополнителната вредност која им ја нуди на клиентите преку супериорната услуга, максималната сигурност и најбрзото решавање и исплата на штетите. Тоа го постигнавме благодарејќи на професионалноста и посветеноста на нашите вработени, кои го вложуваат целокупниот личен и деловен капацитет во задоволството на клиентите. Моите планови за третиот мандат се да го потврдиме статусот на водечки осигурителен експерт и дефинитивно да се издвоиме како компанија со убедливо најголем пазарен удел. Токму тимот кој стои зад мене и довербата која секојдневно ја добиваме од клиентите се гаранција дека ќе го оствариме зацртаното.“ – изјави тој во оваа пригода.
- Published in настани и новости
Винер Осигурување со низа активности околу загадувањето
Од Винер Осигурување најавија низа активности за подигнување на свеста во рамки на компанијата и бизнис заедницата во целина, како и меѓу активните возачи, за состојбата со загадувањето и неопходноста од преземање мерки за истата.
Менаџментот на компанијата донесе одлука на сите вработени кои ќе се решат да користат јавен превоз за да стигнат од дома до работното место и обратно, целосно да им ги покрие трошоците за превоз. Винер Осигурување ќе набави билети за јавен превоз кои ќе бидат наменети за сите вработени кои ќе решат наместо со возило на работа да одат со редовните автобуски линии.
Истовремено, од страна на менаџментот на Винер упатена е стриктна препорака до сите вработени кои се користат со службени возила да го оптимизираат доаѓањето и заминувањето од работното место, со цел максимално да го искористат капацитетот на возилата за превезување на колеги во периодите кога вредностите на загадувањето се најголеми. На тој начин уште еден дел од службените и приватните возила кои ги користат вработените во Винер нема да учествуваат во сообраќајот во овие критични периоди од денот кога загадувањето е најголемо.
„Иако интерните мерки се однесуваат на нешто над 200 вработени и околу 30 возила, и на краток рок нема да донесат значајна промена, се надеваме дека ќе влијаат на свеста за загадувањето и одговорноста на секој од нас, и како поединци и како компании. Наша цел е да бидеме активни чинители, наместо пасивни набљудувачи и да понудиме модел кој доколку биде широко прифатен од бизнис заедницата, веруваме ќе направи видлива разлика.“ – изјави д-р Зоран Нарашанов, Генерален директор на Винер Осигурување „Истовремено, да не заборавиме дека природата на нашиот бизнис е таква што ни дава можност да допреме до огромен број активни возачи и да ја пренесеме до нив пораката за важноста на подигнувањето на свеста за загадувањето. Имаме намера да го искористиме тоа максимално бидејќи е од корист за целото општество.“ – додаваат од Винер Осигурување
Во таа насока, во план се и информативни летоци кои ќе бидат делени на сите клиенти кои вадат полиси за нивното возило во Винер, во кои ќе бидат наведени совети за рационално користење на возилата со цел да се придонесе за намалување на нивото на штетни издувни гасови.
Од компанијата уште додадоа дека набавиле посебни маски со филтри за воздух, наменети за сите оние кои поминуваат подолг период на отворено во местата каде загадувањето е најголемо, а посебно за велосипедистите кои и во овој период го користат велосипедот како превозно средство. Маските можат да се подигнат бесплатно во филијалите на Винер.
- Published in настани и новости